„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Владата предложи покачување на платите од 10%, учениците да се вратат во училиштата
Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница ја разгледа и усвои Информацијата за состојбите во основните и средните училишта предизвикана од штрајкот на вработените, а согласно одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Со заклучоците по оваа точка Владата го задолжи Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии со ребалансот на Буџетот да предвидат средства за покачување на платите во основното, средното образование и детската заштита во висина од 10%.
Владата формираше работна група во која се вклучени заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за образование и наука Јетон Шакири, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, да отпочнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.
Во заклучоците по оваа точка е вклучено и задолжувањето за Министерството за информатичко општество и администрација да започне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор.
Владата воедно ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование, и згрижувањето на децата во градинките согласно уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк.
Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк.
Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да достави информација до Владата за одговорот на СОНК во врска со овие заклучоци, како и да побара писмено известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта и врз основа на кој законски акт персоналот на предучилишните установи одбиваат да ги примат децата.
Владата ги повикува раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во предшколските установи да продолжат со наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките.
На денешната седница е донесена Одлуката за давање на согласност на Јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање, кој ќе го спроведе посебно формирана комисија.
Давањето во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари е дел од пакетот мерки предвидени со Националниот план за производство на храна којшто веќе се имплементира, се поттикнуваат земјоделците да се насочат кон зголемено производство на стратешките земјоделски култури.
Целта со оваа поддршка е справување со светската криза, обезбедување достапна и поевтина храна и увозна независност.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец април 2022 година и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 21.04.2022 година кои треба да обезбедат пензионерите да може да располагаат со априлските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 26.04.2022 година.
Со оваа информација Владата им препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.04.2022 година (вторник);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 27.04.2022 година (среда);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 28.04.2022 година (четврток); и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 29.04.2022 година (петок ).
На оваа своја седница, Владата го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за гранична контрола.
Со предложените измени и дополнувања на Законот за гранична контрола се врши усогласување со Директивата 2016/681 на Европскиот парламент и на Европскиот Совет од 27 април 2016 година за употребата на податоци од евиденцијата на податоци за патниците за спречување, откривање, истрага и кривично гонење на кривичните дела на тероризам и тешки кривични дела.
На денешната седница Владата одлучуваше и по решенијата на Комисијата за кадровски прашања и заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ да го отповика Јани Макрадули од должноста претседател на Управниот одбор и генерален директор и на оваа позиција го избере Васко Стефанов кој е разрешен од должноста заменик-директор на Агенција за вработување на Република Северна Македонија.
Владата го разреши од должноста директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија Стево Крстевски, а за вршител на должноста директор на ФЗОРСМ ја именува Магдалена Филиповска – Грашкоска, којашто е разрешена од должноста претседател на Инспекцискиот совет.
За в.д. претседател на Инспекцискиот совет на денешната седница Владата ја именуваше Даниела Рендевска.