Во Струмица одбележана 120 годишнината од загинувањето на Гоце Делчев
Со посебна гордост и чест, денеска, општина Струмица ја чествуваше 120 – годишнината од убиството на најголемиот македонски син и револуционер Гоце Делчев.
Пред неговиот споменик на плоштадот кој го носи неговото име, се одржа пригодна свеченост на која за животот и делото на Делчев зборуваше Елена Магеровска Паликарова, заменик градоначалник и член на Советот на општина Струмица.
-Велат дека времето ги лекува сите рани, но ниту по еден век и две децении, таа рана наречена – Гоце Делчев се уште боли, се уште пече, се уште не кани да направиме навраќање на тој ден, на денот кој донесе ненадоместива празнина за најсветата организација, за македонското револуционерно јадро, но и за целата татковина и нејзините граѓани, возљубени во своите прастари македонски корени. За жал, уверувањето на Македонците дека Гоце Делчев е бесмртен јунак паднаа во вода, загина апостолот на македонското револуционерно движење. Се случи тоа на денешен ден пред 120 години. Се случи тоа на 4. мај 1903 година во селото Баница, Серско. Во спомен на тој злокобен ден, а во чест на најголемиот македонски син, еве сме повторно собрани на струмичкиот плоштад кој го носи името „Гоце Делчев“, еве сме исправени пред најголемиот споменик на Делчев во нашава земја, кој за наша среќа се наоѓа токму во нашата Струмица. Тука сме, по којзнае кој пат да му се поклониме на македонскиот великан, да си спомнеме за неговиот живот и дело и да му се заблагодариме за се што стори за нас и за нашата татковина. Гоце Делчев заслужува едно такво чествување, како ниеден друг лик од македонската историја, рече Паликарова.
Во чест на Делчев, револуционерна поезија рецитираа членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“.