Здружението „Медија Флеш“ одржа работилница за медиумска писменост во Средното училиште „Никола Карев“ во Струмица
Во рамките на реализирање на проектот „Читај меѓу редови: Спротивстави се на дезинформации и биди медиумски писмен во ера на дигитални вести!“, којшто го реализира Здружението за медиумска писменост „Медија Флеш“, во Средното училиште „Никола Карев“ во Струмица се одржа работилница со ученици и професори од ова средно училиште, а присутвуваше и директорот на училиштето, Зоран Петков.
Пред присутните најпрвин беше презентиран проектот од страна на координаторот на проектот, Ристо Тасев и проектниот асистент, Веле Појразовски и притоа беше истакнато дека основна цел е да се унапреди медиумската писменост и да се создадат вештини за критичко размислување и анализирање кај младите во Општина Струмица за да се справат со дезинформациите и лажните вести.
Работилницата ја водеше новинарот и генерален директор на Медиумската информативна агенција (МИА), Драган Антоновски, чие излагање беше проследено со голем интерес од присутните, а учениците и професорите поставија многу рашања и разменија мислење за многу прашања и теми.
Антоновски говореше за медиумската писменост, за МИА и медиумската писменост, МИА како промотор на проверени и точни вести и изнесе повеќе примери за лажни вести и како младите да ги препознаваат.
На работилницата пред учениците беше презентиран прашалникот за нивните познавања на медиумската писменост, а основно барање е медиумска писменост во средното образование да биде што повеќе присутна или да биде составен дел на некој од веќе посточеките предмети.
На работилницата присутвуваа и членови на Новинарскиот клуб при ЦИА „НОВУС“, како и Данче Кирова, проектен координатор во „НОВУС“.
Здружението „Медија Флеш“ се заблагодарува на директорот и професорите од „Никола Карев“ за одличниот прием и организацијата, а согласно претходно потпишаниот Меморандум за соработка соработката ќе продолжи и понатаму.
Оваа активност е поддржана од проектот „Млади агенти на промената“ имплементиран од „Центар за интеркултурен дијалог“ (ЦИД), „Сојуз на извидници на Македонија“ и Центар за истражување и анализи „НОВУС“ Струмица со финансиска поддршка од ЕУ.
За повеќе информации следете ја фејсбук страницата на Здружението: https://www.facebook.com/mediaflashsr.