AMD Strela

 

Младите од Струмица со волонтерска акција пред градоначалникот Јаневски и в.д.амбасадорката на САД, Швајзер-Блум

Младите од Струмица со волонтерска акција пред градоначалникот Јаневски и в.д.амбасадорката на САД, Швајзер-Блум
Објавено на: 31 May 2019

Околу 100 млади од Струмица, денеска, организираа волонтерска акција за уредување на дворот на средното општинско училиште „Јане Сандански“, со поддршка од Општина Струмица и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Во акцијата учествуваа ученици од средните училишта „Јане Сандански“ и „Никола Карев“ од Струмица, а присуствуваa и градоначалникот на Општина Струмица, Коста Јаневски, в.д. амбасадорот на САД во Република Северна Македонија, Микаела Швајзер-Блум и Марк Вајнандт од Defense Attaché Office при Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, како претставник на Европската команда на САД. 

Младите го исчистија отпадот во дворот, ги уредија зелените површини и поставија жардинерии, ги заменија оштетените даски на клупите со нови и ги бојадисаа бетонските конструкции во дворот.

Младинската акција е финален продукт од долготрајниот процес поддржан од Општина Струмица и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. На почетокот на месецот, учениците имаа заедничка средба на која се запознаа и ги идентификуваа проблемите во градот со коишто се соочуваат како млади личности. Како предизвик за кој што изразија желба и самите да помогнат да се надмине, младите го издвоија  дворот на училиштето „Јане Сандански“ кој што до неодамна беше во лоша состојба.

Градоначалникот Јаневски заблагодарувајќи се за соработката, ги потенцираше позитивните ефекти, кои што истовремено се и голем мотив за нејзино продолжување.

-Нашите гости изразија желба да не посетат и да се увериме во некои проекти кои што заеднички ги реализираме, а кои вродија со резултат кој што е очигледен, со кој што сме горди и се мотивираме да ја продолжиме таа соработка кога гледаме дека има позитивни ефекти. Една од темите на која што разговаравме е мултиетничката интеграција во нашата Општина. Знаеме дека нашата Општина и поголем дел од нашата Република се мултиетнички средини и тука општина Струмица има повеќе иницијативи од порано, има Комисија за меѓуетничка интеграција, иницијативен одбор за формирање на Младински совет кој што ќе ги опфаќа младите категории кои што треба да се дружат и да се запознаат меѓу себе што мислам дека е редовна пракса и досега, но секогаш има и нови предизвици кои треба да ги решаваме понатаму. Сакам да ја изразам мојата голема благодарност до УСАИД и амбасадорката, за тоа што конкретно во овие проекти беше операционализирано, рече градоначалникот Јаневски.

Амбасадорката  Микаела Швајзер-Блум, се заблагодари на топлото добредојде во Струмица и рече дека реновирањата кои што се финансирани од Европската команда на САД, се реализираат поради напорите на училиштата за да го зголемат разбирањето и пријателството меѓу учениците од различни етнички групи.

-Среќна сум што денеска сум тука за да го одбележиме реновирањето на две училишта, секој ученик заслужува средина која што е топла и која стимулира. Се гордееме што работевме со локалните власти и со заедниците во реновирањето на 12 училишта оваа година. Ширум земјава сме го поддржувале реновирањето на 75 училишта и планираме да реновираме уште 38 во наредните неколку години, рече амбасадорката Швајзер-Блум.

Оваа учебна година, Општина Струмица и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието во партнерство реновираа две училишта, со финансиска поддршка од Европската команда на САД. Во средното училиште „Јане Сандански“ се постави термо фасада на северозападниот дел на училишната зграда, додека пак во ООУ „Маршал Тито“ од Струмица, се постави меѓукатна конструкција (плоча) на катот на училишната зграда и се замени постоечкиот под во дел од училниците.

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK