На Седницата на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски повторно ја доби поддршката за да ги координира активностите за рамномерен регионален развој за следните две години од страна на сите градоначалници од регионот и беше повторно избран за претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.
На оваа седница, градоначалниците донесоа и одлука за доделување на Јубилејна награда на Раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова.
Во врска со Програмата за рамномерен регионален развој за 2020 година, Ѓуркова ги извести сите градоначалници дека во согласност со одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеност, Југоисточниот регион се стекнува со право на користење на приближно 35.835.240,00 денари и се договорија за краток временски период да се одржи и следната седница со цел утврдување на годишната листа на предлог проекти кои се приоритет на регионот за 2020 година.
Градоначалниците беа информирани и за текот на активностите за дел од проектите кои ги реализира Центарот и за таа цел на оваа седница беше презентиран текот на имплементацијата на проектот „Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“ кој е финансиран од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската Агенција за развој и соработка, а во рамките на кој ќе се овозможи воведување на современи технологии во земјоделството преку поставување на 23 агрометеоролошки станици во сите општини во регионот.